Од Зоран Антиќ on февруари 1, 2019
Едно од најреферентните имиња во Македонската кинематографија, Антонио Митриќески, филмски режисер и сценарист, е роден во Скопје на 1 Февруари 1961 година.
Филмска режија завршува на Високата Државна Школа за Филм и Телевизија во Лоѓ, Полска. Таму вратите му се секогаш отворени. Сите негови филмови (“Преку езерото”, “Како лош сон”, “Деца на сонцето”) се снимени во копродукција, со средства од надвор и тие стасаа до многу широка публика на бројни фестивали низ светот.
Предава филмска и ТВ режија на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје.
Митриќески започнува да работи на филм во 1985 година.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Специјална награда на градот Лоѓ за филмовите “Двобој” и “Ден” (1985), Златен медал за дебитантски филм на 38-миот фестивал на југословенскиот документарен и кусометражен филм во Белград за филмот “Љубовта на Кочо Топенчаров” (1991), Награда на публиката на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ (1997) за филмот „Преку езерото“.
Филмографија:
1985 Двобој, сценарио, режија, краток игран, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска
1985 Ден, сценарио, режија, документарен, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска
1986 Време, сценарио, режија, документарен, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска
1987 Ехо, сценарио, режија, краток игран, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска
1991 Љубовта на Кочо Топенчаров (Режија, Сценарио)
1997 Преку езерото (Режија, Сценарио)
2003 Како лош сон (Продуцент, Режија, Сценарио)
2014 Деца на сонцето (Режија)
Митриќески смета дека создавањето филм е една од најтешките професии, бидејќи не завршува се со приказната, туку филмот бара многу работа и потоа: монтажа, тон, музика итн и тој не зависи само од еден човек, туку од многу други учесници во процесот.
За него приказната е многу важна и таа треба да биде јасна, концизна и разбирлива, со малку хумор и да допира до гледачите. Тој сака во филмот да има визуелност, емоции и психологија, а сепак да биде едноставен, чист и да носи морална порака.
“Преку езерото” е дебитантски филм на Антонио Mитриќески, создаден врз основа на вистинска, трагична љубовна приказна за вљубените кои што дошле од различни страни на албанската граница во 1948 година. Според оваа приказна, режисерот сними и документарен филм. Овој филм е посвета на индивидуалистичкиот дух и отпор и се одликува со нагласено рафиниран визуелен стил.
Митриќески ја сака природата, а тоа се гледа и во филмот “Деца на сонцето” (во кој глуми и една од неговите две ќерки), кој е исто така, едноставен и чист филм, модерна љубовна приказна, која носи порака дека љубовта ги совладува сите препреки. Филмот изобилува со сцени на природни убавини, изгрејсонца и зајдисонца. Тој беше на фестивал на алтернативни филмови во Лондон.
Најдлабок негов филм, со најмногу психологија, големи актерски имиња и најдобра режија, суров и жесток, според Митриќески е “Како лош сон“, кој влезе на фестивалот во Монтреал меѓу 10те најдобри филмови, но кој за жал, кај нас не ја доби заслужената медиумска поддршка.
Смета дека најголема слабост во Македонската кинематографија се добрите сценарија.
Антонио Митриќески има желба и работи на проектот за снимање на голема, епска приказна за Цар Самоил, при што акцентот не би бил на војните, туку драмата предизвикана од внатрешните немири, страсти и предавства, борбата за превласт, меѓусебните убиства и интриги. “Сакам да се прикаже дека во човекот има и рај и пекол. Епска, но љубавна, голема приказна“ – како што вели тој.
Среќен роденден Антонио Митриќески и нека оваа и уште многу други твои желби станат реалност!
Превземено од interior.mk/