Interview with Antonio Mitrikesk – in Globus.mk

Posted by on Nov 8, 2018 in Interviews

Continue

ИНТЕРВЈУ СО АНТОНИО МИТРИЌЕСКИ

Филмскиот режисер подготвува веќе подолго веме нов филм – „Траги“

пишува: ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ
z.georgievski@globusmagazin.com.mk

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Во еден неодамнешен разговор со тебе, дојдовме до неверојатното сознание дека најпродуктивните македонски филмски режисери снимиле само четири-пет долгометражни филма? Зошто е тоа така?

– Ако се има поголем квантитет филмови, ќе се издвои и поголем квалитет. Тоа значи да имаме развиена земја, со големи продуценти, кои годишно снимаат по 250 филма, како што е случајот со Франција. Или, пак, не толку голема Романија, која е во подем, која снима по 12 филма годишно. И ако зад сето тоа стои висока технологија, да се има матична лабораторија, техника, опрема за комплетна постпродукција и маркетинг зад филмовите, сигурно дека од таа висока продукција ќе се дојде до поголем квалитет. Ако им се дава шанса во континуитет на докажани режисери и шанси на млади кадри, ќе биде подобро. Македонија како мала земја покажа дека има голем потенцијал во однос на уметноста, сега зборуваме конкретно за филмот кој достојно не’ претставува во светот, а што е најважно Македонија остава траги. Да не потенцирам наслови на филмови и имиња на наши професионалци, почнувајќи од браќата Манаки до денес, кои оставија и играни и документарни филмови. Бројот на снимени филмови на еден режисер не зборува за големината и естетските вредности на тој режисер. Да го земеме примерот на Параџанов, па и Тарковски. Натаму, она што сакам да го потенцирам, ако во моментот филмот има многу продадени билети, тоа не значи дека филмот има големи естетски вредности. Исто така, на добриот филм, колку и да е одминато времето, вредностите му остануваат. Точно е дека наградите ја задоволуваат суетата на уметникот, можеби тие придонесуваат за моментална афирмација, но исто така не зборуваат за естетската вредност на филмот. Зад тие награди, фестивали, стојат огромни машинерии, а се даваат и огромни финансиски средства во маркетинг. Се смета дека филмот денеска е една машинерија за правење пари, особено во САД, каде што намерно се форсираат ѕвезди, а таа ѕвезда го продава филмот, и секако се заинтересирани филмот да добие награда. Има голем број режисери што никогаш не добиле награда, да не зборувам за “Оскар”, а останале како едни од најдобрите режисери. Земете го само Сем Пекимпо, познат по филмовите “Дивата орда”, “Кучиња од слама”, “Пит Герет и Били Кид” и други.

Ти, со твоите два играни филма (“Преку езерото” и “Како лош сон”) си, значи, некаде на половина пат. Колку време ќе го чекаме твојот трет филм и зошто досега го немаше?

– Како што кажав, да не набројувам, има режисери кои направиле мал број филмови, не добиле награди, а оставиле траги во кинематографијата. Јас не мислам дека со моите два играни филма, и со моите краткометражни филмови дека не треба да бидам задоволен. Иако лично мислам дека имам едукација, знаење, психофизичка кондиција, желба и љубов да давам и да снимам повеќе филмови. Не само јас, сигурен сум дека голем број филмски работници и од постарата генерација што оставиле белег, како што реков, со високи квалитети, се незадоволни. И, сигурно, покрај шансите што се даваат и треба да се даваат на дебитантите , треба да се поддржуваат проектите на постарите генерации. Треба да има континуитет во македонскиот филм и да се искористи нивното искуство.

Веќе подолго време подготвувам нов филм – “Траги”, за кој е готово сценариото, избрани се локации, направена е копродукција со Полска, Италија и Бугарија. Исто така, направен е и буџетот, кој не е висок. Конкурирав уште кај претходната влада, конкурирам и натаму. Не се разочарувам, човек сум кој верува на зборот, верувам во луѓето. Затоа и верувам дека тој филм ќе го реализирам порано или подоцна, но работиме како да го почнуваме утре. Сакам да кажам дека љубовта за тој филм е толку голема што работиме без пари, доброволно. Почнувајќи од сценариото, контактите, преводите, локациите , фотографиите…, мое мислење дека работата на филм е љубов и страст. И не може ништо да ја прекине таа работа, ни времето ни парите, доколку те гони тој внатрешен порив, тој нагон. И оттаму мислам, дури и да не сакаат филмските работници , без разлика на возраста, без разлика дали имаат копродуценти однадвор и дали имаат контакти – треба да им се даде можност, дури и минимални средства за развој, да се негува тој внатрешен порив. Општеството треба да го искористи тој талент. Талентот, уметноста, тоа се вродени работи , а преку работата и поривот се негува талентот. А тоа е тоа што не’ одржува, поради што опстанало ова наше мало парче земја, со векови газено, а оспорувано дури и денеска.

Со оглед на фактот дека не си толку млад (46), а како дипломец на Филмската академија во Лоѓ, задоволен ли си од твојот опус?

– Во творештвото нема возраст, за уметникот нема години. Марко Цепенков рекол: “Само умирачката може да ми го одземе перото од рака”. И јас сум човек кој има верба и надеж. Мислам дека уште многу ќе се снимаат филмови и ќе создаваме. Иако не припаѓам на ниту една партија, преку мојата работа придонесувам за мојата татковина, која многу ја сакам и покажувам дека сум патриот.

Може ли да се говори за континуитет на една кинематографија ако нема континуитет кај самите автори? Некои, половина на шега, половина точно, ја нарекоа македонската кинематографија дебитантска…

– Мислам дека го начнав ова прашање. Нашата кинематографија има корени, оставени се траги со многу добри филмови. Точно е дека последниве години се снимени доста дебитантски филмови – и документарни, и играни. Останува едно големо прашање за шансите на филмските работници? Пред извесно време во Скопје заврши Фестивалот на европскиот филм, таму видовме дека не постои филм што не е копродукција на повеќе европски земји. Постојат разни фондови, постои “Еуроимаж”. И самите тие фондови, иако некои со мали пари, се заинтересирани за развој на сценариото, за продукција, постпродукција… Македонија е отворена и се започнати тие копродукции. Сакам да кажам дека во еден филм, за да биде македонски, Македонија треба да учествува со најголем процент средства. Големо прашање е дали сите можат да обезбедат патни и дневни трошоци, да контактираат со овие фондови, ако не добијат барем мали финансии за развој на проектот, а имаат подготвен филмски проект и формирана е екипата. Според мене, ова важи за која било генерација филмски творци. На сите треба да им се даде шанса да извлечат максимум од себе, од своите креативни можности. Да не дојде до растурање на екипата. Значи, да им се обезбедат средства за патување, контактирање, посета на тие фондови… Секако, од сите тие филмови што ќе се снимаат нема сите да бидат со највисок дострел. Ние мораме да ја негуваме филмската индустрија, мораме да ја чуваме, тоа е наш белег.

Чинам дека порано македонската кинематографија, барем што се однесува до жанровската определеност, беше некако, ако можам така да кажам, “почиста”. Да речеме од вестерните на Жика Митровиќ (“Мис Стон”), преку класичните комедии (“Мирно лето”), политичките филмови (“Време без војна”), па се’ до љубовните (“Исправи се, Делфина”). Еве, Милчо Манчевски во својот најнов филм “Сенки” како да се обидува да го врати жанрот. Каде се изгуби основниот елемент на филмот, приказната, во македонската кинематографија?

– Жанрот може да биде мелодрама, хорор, вестерн или друг, за мене е важно филмот да има вредности кои предизвикуваат емоција, да има психологија, да допира до гледачот. Тоа е добар филм, без разлика на жанрот. Се согласувам дека приказната треба да биде чиста. Точно е дека колку и да сакаме да направиме авторски, високоестетски филм, не можеме да избегаме од времето во кое живееме. Македонската кинематографија нема висока филмска продукција, бидејќи филмот е скапа работа, бара големи финансиски средства, а ја знаеме економската состојба кај нас. Во еден филм се вложува многу труд и тој се работи околу три години. Се бара многу самоодрекување. Поради малите финансиски средства доаѓа до растурање на екипата, до откажување на копродуценти до кои се доаѓа макотрпно. Мислам дека во овие услови македонскиот филм е во подем. Присутни сме на голем број фестивали, се враќа публиката во киносалите, копродуцентската работа се развива. Филмските работници кај нас се жртвуваат се’ повеќе и се’ повеќе, вложуваат голем труд, стапуваат во контакт без средства со европските фондови, пишуваат сценарија… Се надевам дека со формирањето на филмскиот фонд и формирањето на филмскиот центар во Македонија ќе се формира и седиште, каде што ќе се разменуваат искуства на сите генерации. Ако организирано се даваат шанси на филмски проекти, верувам дека со овој потенцијален кадар што го имаме: актери, организатори, монтажери, директори на фотографија, сценографи, костимографи… ќе се зголеми продукцијата кај нас. Треба да се има организиран пристап, слично на Романија, која годиниве е кинематографија со голем подем.

Уште Ленин говореше за важноста на филмот во политичката пропаганда. Знаеме што правеше Лили Рифенштал за Хитлер, па и пропагандните филмови за југословенскиот комунизам. Денес политиката некако перверзно влегува во филмската индустрија. Точно ли е дека и покрај формирањето на филмскиот фонд, политичките критериуми во голема мера влијаат за тоа дали некој ќе сними филм или не.

– Точно е дека уште во времето на Ленин, Хитлер, како што велиш, филмот секогаш имал важност во политичката пропаганда. И се давале големи финансиски средства. Филмот е голема пропаганда, но само добриот филм. Филм што го одразува времето. Филмовите што се снимени токму во тие времиња, оставија големи траги во светската кинематографија. На пример, во Полска Анджеј Вајда, во тогашна Чехословачка Јержи Менцел и други. Тие го отсликуваа времето, но на еден свој начин, со вистинитост, со естетските вредности, со лесниот хумор оставија големи дела во филмската историја. И кај нас филмовите “Црно семе”, “Среќна Нова ’49”, “Најдолгиот пат”, “Мис Стон”…, тоа се филмови кои оставија печат, без разлика на времето и политиката. Не само во филмот, во администрацијата и во се’, во нашата држава со менувањето на политичките партии се менува и политиката и програмата во министерствата. Уште еднаш повторувам, со формирањето на филмскиот центар и фондот, со враќање и дружење на филмските генерации, па и пошироко со заедничко дружење меѓу писатели, ликовни уметници, каде што ќе има размена на мисли, противречности, па и идеолошки, јас гледам прогрес, напредок и отстранување на политиката од уметноста, враќање на вистината, на вистинските вредности. Кога дојдов од Полска “Вардар филм” живееше, имаше раздвиженост, имаше полемики… Не само јас туку мислам дека сите имаме потреба од едно собиралиште.

Со твојот кусометражен филм “Љубовта на Кочо Топенчаров”, постигна завиден интернационален успех. Денес во Македонија како да не постои кусометражен филм, па дури ниту документарен. Може ли една кинематографија да профункционира без овие сегменти?

– Документарниот филм е основата на филмот. Секогаш имал и ќе има големо значење. Да не набројувам за да не испуштам некои, но во Македонија е познато дека имаме вонредни документарни филмови, како и анимирани филмови, филмови што оставија белег и по кои сме претпознатливи. Во Лоѓ, Полска, каде што студирав, особено се негуваше документарниот филм. Ќе потенцирам дека култниот режисер Кишловски до својата 38-ма година снимаше исклучиво документарни филмови. Тој зборуваше дека големината на филмот е да се дојде до вистината, да се работи без фикција. Се сеќавам на неговите зборови: “Потребно е трпеливо око”. Мојот игран филм “Преку езерото” е направен според вистинска приказна, преточена од документарниот филм “Љубовта на Кочо Топенчаров”. Ме фасцинира големината на љубовта, глупоста на границите. Првпат во Торонто имав можност да ги гледам заедно тие мои два филма на проекција. Навистина беа прекрасно примени од публиката и од критиката. И јас бев многу задоволен.

Во Македонија, можеби со прекини, но документарниот филм продолжува, исто и краткометражниот игран филм. Да ги споменам, меѓу другите, авторите Марија Џиџева, Билјана Гарванлиева, Ѓорче Ставрески, Борјан Зафировски… Исто така, нашите студенти остваруваат добри резултати , не’ претставуваат на фестивали и се наградувани.

Каква е иднината на македонската кинематографија и како таа да биде посветла?

-Некаде, во некое интервју прочитав: “Каква ни е државата, каква ни е економијата, каква ни е политичката состојба, таква е состојбата во филмската индустрија”. Јас би рекол дека состојбата во филмската индустрија стои релативно добро, со огромен самопрегор, со некаде дадени поголеми финансиски средства, со некаде многу помалку, а најчесто главно работиме без финансиски средства. Но, не се предаваме, чукаме да ни се отвори вратата, бараме да ни се даде, тоа често се претвора во понижувачки, долготраен и макотрпен процес.

Ги оставаме талентите без поддршка

Професор си на Факултетот за драмски уметности по филмска режија. На што ги учиш твоите студенти. Како да снимат филм или какви филмови да снимаат? За нашата генерација, филмот значеше многу, колку денешните генерации ја знаат неговата историја и меѓниците во филмската индустрија?

– Мојот став е дека студентот од себе и во себе треба најдобро да го извлече она што нему му лежи. Јасно, ние го коригираме неговото сценарио, сугерираме, но сепак оставаме слободно да го развива проектот. Младите се мошне талентирани, образовани и имаат големи можности преку Интернет да реализираат комуникација со светот. Значи, имаме талентирани кадри, но немаме услови, немаме лабораторија, база во однос на филмскиот фонд – студентите се препуштени на себе во однос на техниката. Се нема средства за посета на филмски фестивали и др. За разлика од нас, во Филмската школа во Лоѓ се интересираат за своите кадри и по дипломирането. Тие не само што помогнаа во копродукцијата за филмот “Преку езерото” туку се јавуваат и како копродуценти во мојот нов филм, а дури преку нив добив и писмена поддршка и од владата на Полска.

Требаше да се сними филмот на Александар Поповски

Одредувањето на поддршката на Министерството за култура секогаш носело превирања во јавноста. Александар Поповски вели дека филмот му е одземен од политички причини, во кулоарите се говори дека Изи добил филм, исто така, од политички причини… Денес се тврди дека Љубиша Георгиевски мора да ти се појави како автор на сценариото, за да добиеш проект. Тоа ли се тие критериуми што ја водат македонската кинематографија?

– Филмскиот проект бара голема екипа, долга е работата врз сценариото, најчесто се потребни повеќе верзии, за на крајот да доживее промена и за време на снимањето. Потребни се средства. Според мене, на Александар Поповски со готово сценарио, со формирана филмска екипа, која не смее да се растури, бидејќи е макотрпно да се формира една филмска екипа, со обезбедени копродуцентски односи, што исто така е макотрпно да се реализираат и зачуваат, при што тој проект добил одредени средства за развој, требало да му се овозможи тој проект да биде завршен.

Првиот филм на Изи, “Бубачки”, постигна успех. И “Превртено” е добар филм.

Мислењето на филмските работници е дека политиката не смее да се меша во изборот на проектите. Моето мислење го реков: дека треба да се даде шанса, мали средства за развој на поголем број проекти, јасно одобрени од Комисијата, или сега од Фондот, за да може екипата да работи, почнувајќи од развој на сценариото, контакти, патувања до европските фондови. Да се појде на фестивал. Да се бара копродуценти. Но, финансиерот треба до максимум да бара отчет и да го следи развојот и завршувањето на тој филмски проект.