Интервју со Антонио Митрикески, режисер – Марили

Posted by on Dec 5, 2018 in Interviews

Continue

Во ова сценарио ме импресионираше љубовта и опстанокот. А тоа што ми се допадна е оптимизмот, вербата и ненаметливиот хумор. Желба ми е и работиме на тоа да има и визуелност, и емоција, и психологија. Најмногу сакам ДЕЦА НА СОНЦЕТО да биде едноставен и чист филм.

МАРИЛИ: Господине Митриќески, „Деца на сонцето“ е Вашиот нов филм кој ќе го снимате на македонско тло. Кога се роди идејата за снимање на овој филм?

МИТРИЌЕСКИ: Ова е едно старо сценарио на Гордан Михич, со многу ликови, за почетокот на транзицијата. Кога го прочитав одма ми легна… А тоа што ми се допадна е оптимизмот, вербата и ненаметливиот хумор. Знаеме дека животот е тежок, треба да се совладуваат многу проблеми, а протагонстите во ова сценарио проблемите ги совладуваа со една надеж, со голема верба…
Не бадијала и во Библијата е речено: „Ако не станете како деца, нема да влезете во Небесното Царство“. Значи во ова сценарио ме импресионираше љубовта и опстанокот. После многу перипетии се зафатив и работев на други сценарија, но паралелно работев цело време на ДЕЦА НА СОНЦЕТО, за сценариото да биде почисто, цело време го носев со себе… Никогаш не се откажав. Почнав самиот да го адаптирам. Да го правам актуелно за денеска. Да го стегам драмски, без Гордан Михич.

 

МАРИЛИ: Филмот го најавивте како љубовна приказна од современиот живот, која носи позитивна енергија. Која е главната порака што сакате да ја испратите на публиката?

МИТРИЌЕСКИ: Точно, во работата на сценариото за среќа имав добри соработници. На Фестивалот Манаки, сценариото беше на проверка на “Скрипт Корнер“ преку мојата соработничка Ана Јакимска, таму сценариото беше анализирано, покажано е интерес за сценариото со одредени забелешки кои јас ги прифатив. Потоа се вклучи и мојот асистент Саша Станишиќ, дојдовме до тоа дека филмот треба да биде во основа љубовен, да биде една љубовна приказна помеѓу Ангела и Марко (Кире Џоревски), кои и покрај сите перипетии го совладуваат својот пат. Најсилно оружје е љубовта – тоа е пораката.

 

МАРИЛИ: Во подготовките сигурно размислувавте за звучни имиња кои се професионалци во кинематографијата. Кој сè учествува во снимањето на филмот?
МИТРИЌЕСКИ: Ако мислите на глумци, на главни протагонисти, морам да признаам во овој филм одбрав да работам со професионални глумци, а не со аматери. Такви кои професионално знаат да навлезат во карактерите и вложуваат голем труд во тоа. Да извлечат сè од себе, да ја извлечат потсвеста и да влезат во потсвеста на јунаците, да допрат до нивните соништа, до нивните кошмари, визии… Сум среќен што меѓу главните улоги играат: Мето Јовановски, Владо Јовановски, Билјана Таневски, Ѓорѓи Јолевски, Данчо Чеврески, Ацо Дуковски, Сашко Коцев, Милица Стојановска, Мартин Мирчевски, Камка Тоциновска. Како и секогаш во моите филмови и во „Преку езерото“, имам дебитанти во главните улоги.
Тука се Ивана Павлакович, Кире Џоревски, се надевам дека ќе дадат сè од себе. Имам среќа да соработувам со Влатко Стефановски, нашиот познат музичар, кој ја прави музиката и покажа желба да игра една епизодна улога, ќе се појави во улогата на Адамо. Соработувам со добра екипа.

children-of-the-sun-poster
МАРИЛИ: Локациите за снимањето на филмот се покрај Преспанското езеро, зошто го избравте токму овој простор, значи ли тоа дека филмот ќе изобилува со визуелна експресија?

МИТРИЌЕСКИ: Преспанското Езеро е многу автентично, со природни убавини, изгрејсонца, зајдисонца… Јас сум планинар, сакам планини, природа. Секое слободно време го користам во природа. Како прво сакам филмот да биде професионално изработен, да допре до гледачите, добро е да оди на фестивали, ако добие награда мојата суета ќе биде задоволена. Желба ми е и работиме на тоа да има и визуелност, и емоција, и психологија. Најмногу сакам ДЕЦА НА СОНЦЕТО да биде едноставен и чист филм.

 

МАРИЛИ: Се одлучивте за копродукција во правењето на новиот филм. Уметничкиот или некој друг сегмент е пресуден за ваквиот начин на реализација на проектот?

МИТРИЌЕСКИ: Денес, многу тешко се остваруваат копродукции и многу тешко фондовите во различните европски земји даваат согласност за да издвојат пари. Мора да имаат интерес. Имам копродуценти и тоа е добро. Копродукцијата за еден филм денеска е многу важна. Копродукцијата не е само во пари, туку и во кадри, опрема, знаење, искуството, афирмација, секако јасно е дека најдобродојдени се средствата. За нашата земја многу е важна копродукцијата. Ова го знам од моите претходни филмови. Така се запознаваме и ги поминуваме континентите, важно е нашето знаме да се вее во странство.

children-of-the-sun-boat

 

МАРИЛИ: За кога се најавени почетоците на снимањето и кога македонската публика ќе може да го види на платното во киносалите?

МИТРИЌЕСКИ: Ако сè оди како што треба, а и со тие копродукции што ги спомнав, планираме да почнеме на почеток на јуни. Не можам конктетно да кажам, зависи од многу причини, временски и др. Околу датумот за почеток, поради непредвидени работи може да дојде до одложување. Имавме поплава на локацијата на Преспанското Езеро. Но, сè добро се заврши. Правењето филм е една од најтешките професии. И после снимањето филмот бара уште многу работа. Монтажа, тон… и така натаму. Филмот не како во сликарството или вајарството, сам си со делото додека го твориш… Во филмот покрај големата екипа цело време треба да се внимава на приказната. Тоа го следат гладачите најмногу таа приказна треба да биде јасна, едноставна и разбирлива. А приказната јас често ја стегнувам, менувам, чистам, тоа го правам кога ги гледаме локациите, кога работам со глумци, Значи приказната до последен момент ја менувам.

Понатаму, камерата е многу важна за мене, треба да е усогласи музиката, па костимите, па тонот, шминката итн. Значи се работи со голем број соработници, а режисерот како дириген треба сето ова да го синхронизира. Гледачот да ја почувствува приказната, која е фикција бидејќи не се работи за документарец. Посебно сакам приказната да биде покажана со малку зборови, тоа што ќе се каже да има хумор. Да се насмееме, навистина смеата е музика на душата. Во филмот и после снимањето уште поголема е одговорноста. Тука се седнува на столчето стрпливо да се види што е снимено, и што треба да се исфрли, а што да остане.
МАРИЛИ: Кои се Вашите досегашни проекти на кои сте работеле и колку сте задоволен од нив и од правецот во кој се движите и растете како звучно режисерско име?

МИТРИЌЕСКИ: Многу сум благодарен што бев примен во Полската државна школа – Лоѓ, каде што има врвни професори, едукацијата беше со многу практика. И ние сега на ФДУ го настојуваме истото. Многу снимавме и документарни и кратки играни филмови. Во Полска изработив и документарни и играни филмови кои самата школа ги пушташе на фестивали.

Исто така, школата се интересираше за иднината на студентите, а и нè следи до денеска. Сорботувам со нив, со секој проблем на кои наидувам. И покрај тоа што тука имам добри соработници, во Лоѓ постојано ми се отворени вратите. Колеги доаѓаат кај мене, ми праќаат литература и препорачуваат филмови. Директорката на фотографија Јоланта Дилевска на фестивалот Манаки два пати беше наградена со златна награда. Со Јола сакаме да соработуваме заедно на некои од моите идни проекти. Имам два играни филма ПРЕКУ ЕЗЕРОТО и КАКО ЛОШ СОН, таа соработка со Полска продолжува и во ДЕЦА НА СОНЦЕТО. ПРЕКУ ЕЗЕРОТО беше копродуција со Полска. Филмовите поминаа низ фестивали на сите континенти. ПРЕКУ ЕЗЕРОТО доби награди од публиката и критиката, и многу е гледан и продаван низ светот. Документарецот ЉУБОВТА НА КОЧО ТОПЕНЧАРОВ ми е многу драг филм. Документарните филмови ми лежат и многу ги сакам, во нив се копа по вистината, по правата вистина…, која бара долга опсервација за да се допре и дофати барем фрагмент од таа вистина. Таков беше случајот со ЉУБОВТА НА КОЧО ТОПЕНЧАРОВ. Не е важно што доби златна медаља, во Белград и Оберхаузен. Важно ми е што одеше на многу фестивали и што приказната за Кочо допре.

 

МАРИЛИ: Работевте на многу документарни филмови. Постои ли инспиративна тема која не сте успеале досега да ја реализирате, а би Ве исполнила во целост во делот на документарците?

МИТРИЌЕСКИ: Имав прилики да читам книги и друга литература за Цар Самоил, морам да признам дека многу ми легна. Има голема драма во целиот негов живот. Сепак, тука треба голема работа и бара многу трагање и стрпливост да се дојде до вистината колку што сè може повеќе. Потребна е голема документација, контакти и соработници. Не сакам да ги прикажам војните, туку да ја извлечам таа драма, психологија, внатрешните немири, страсти и предавства. Борба за превласт, меѓусебни убиства и интриги. Сакам да се прикаже дека во човекот има и рај и пекол. Епска, но љубавна голема приказна. Сакам да имам прилика да работам на овој проект. Јасно филмот бара пари, средства….
МАРИЛИ: Во кој правец треба да се движи македонската кинематографија и, иако Македонија е реално капка во море, колку таа се обидува да чекори по патот на светската кинематографија?

МИТРИЌЕСКИ: Мора да бидеме задоволни со тоа што македонскиот филм има направено досега. Ние имаме традиција, иако со мали средства, но со голем ентузијазам. Кога ги гледам македонските филмови, ме држат, се гледа дека имаме традиција, иако се снимало едвај по еден филм годишно, за разлика од другите балкански земји кои сниммаа многу повеќе. Нашите филмови се номинирани за Оскар, одеа на многу фестивали, а филмот е еден од најголемите промотори на нашата земја. Последните години факт е дека се даваат повеќе средства за филмот. Мислам дека имаме одлични кадри, не само режисери, сниматели, монтажери, но треба уште повеќе да се дава за да се продре во светот. Најважна е копродукцијата, но за жал многу тешко се одвојуваат средства од фондовите од другите европски земји.

 

МАРИЛИ: Потекнувате од уметничко семејство, како се негувал уметничкиот дух низ генерациите и колку Вие продолжувате да го негувате истиот?

МИТРИЌЕСКИ: Точно, татко ми е склупторот Боро Митриќески. Баба ми Васка која живееше над 100 години, ми кажуваше дека Боро уште како многу мал трчал по Мрковите Кули во Варош. Клесал таму разни портрети по камењата кои и денеска стојат. Бидејќи, неговите не сакале тоа да го работи, сакале да сади тутун, Боро бегал и трчал по некој сликар – само за да му го носи блокот. Ако го прателе да купи леб, татко ми од лебот ја вадел средината и од неа вајал фигури, потоа дома го тепале… Но, тој пак го правел истото.
Баба ми Васка живееше над 100 години, се сеќавам, собираше партали во разни бои, ништо не фрлаше, потоа парталите ги кинеше во мали парлиња и ги поврзуваше шиејќи ги на рака во најразлични бои, потоа ги ставаше пред влезните врати да си ги бришеме чевлите. Кога се појавија најлон кесите по продавниците, почна да си ги собира и тие најлон кеси за од нив да направи чергичиња во најаразлични бои. Татко ми Боро стално кажува: „Дарбата е едно, но работата е основа“. Тој по цел ден клеса, откога се сеќавам… нон стоп го гледам како чука во дрво или во прилепски мермер. И во Полска има два метра споменик од камен. Не сум знаел, ми кажаа во Лоѓ, професорката по историја на уметност. Би ја цитирал песната на поетот Михаил Ренџов, неговата песна за татко ми, но мислам важи и за мене: „Боро е роден и облагороден со благоста на мајка му. Крепен и докрепен, со грижата на неговата друшка Марушка.“

Мене ме радува дека тој ген продолжува и во третата, па и во четвртата генерација на фамилијата Митриќески. Колку и да сакаме да работиме во други професии, некако нашите деца се ориентираат кон правецот на уметноста. Ќерка ми Мариа ќе глуми во „Деца на Сонцето“, ќе го толкува ликот на Ана. Мојата друга ќерка Настасија живее и учи во Монтреал и уште не знам за нејзината професионална ориентација. Исто така, внука ми Александра ќе учествува во филмот, таа заврши анимација. А другата моја внука Анамарија заврши костимографија и постдиполмски студии во Фиренца, Италија. И таа ќе работи на филмот „Деца на Сонцето“.

Tags: