ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ „ДЕЦА НА СОНЦЕТО“ НА АНТОНИО МИТРИКЕСКИ НА „БРАЌА МАНАКИ“

Posted by on Dec 5, 2018 in Interviews

Continue

Сите се трудиме да бидеме среќни

Светската премиера на „Деца на сонцето“ ќе биде на претстојниот Меѓународен филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон. Филмот ќе се прикаже во официјалната програма, со уште 11 други филмови, така што ќе има право да се бори за главната награда на фестивалот во Англија, кој се одржува од 24 септември до петти октомври

Александра М. Бундалевска

По пауза од 11 години, македонскиот режисер Антонио Митриќески повторно нестрпливо очекува премиера, и тоа на неговиот трет игран филм „Деца на сонцето“. Македонската премиера е закажана за 19 септември, на затворањето на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кога Митриќески на црвениот килим ќе присуствува заедно со актерите и со екипата што работеше на филмот.

Сценариото на филмот е на Гордан Михиќ, автор на култните филмови „Среќна Нова ’49“, „Дом за бесење“, „Црна мачка, бел мачор“, а автор на музиката е единствениот Влатко Стефановски, кој дебитира како актер на големото платно со споредна улога.

– Влатко Стефановски се појавува на почетокот и на крајот на филмот и, според мене, направи прекрасен текст за песната во филмот „Деца на сонцето“. Песната навлегува во самата душа на филмот – смета режисерот.

Светската премиера на „Деца на сонцето“ ќе биде на претстојниот Меѓународен филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон. Филмот ќе се прикаже во официјалната програма, со уште 11 други филмови, така што ќе има право да се бори за главната награда на фестивалот во Англија, кој се одржува од 24 септември до петти октомври. „Деца на сонцето“ ќе биде прикажан на 25 септември, а следниот ден Фестивалот организира гала-проекција на овој македонски филм.

Главните улоги во филмот ги толкуваат младите Ивана Павлаковиќ и Кире Ѓоревски, а другиот дел од екипата ја сочинува тим од искусни и одлични актери: Владо Јовановски, Милица Стојанова, Билјана Таневски, Данчо Чевревски, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Мето Јовановски, Мартин Мирчевски, Емир Хаџихазибеговиќ и други.

horizon films

– Долг период не снимав филмови и затоа нестрпливо ја чекам премиерата. Во оваа деценија повеќе работев на теоретски план, напишав книга-учебник за филм, две збирки поезија, објавував стихови. Едно сценарио што го работев со Филип Давид, „Траги“ беше одбиено, па по тоа се повлеков и се посветив на теоријата. Но, добро е што добив проект, во копродукција со Србија – вели режисерот Митриќески за „Република“.

Ова е негов трет игран филм, по „Преку езерото“ (1997 година) и „Како лош сон“ (2003 година). Сценариото е на Гордан Михиќ, кој ги напиша култните „Среќна Нова 49“, „Дом за бесење“, „Црна мачка, бел мачор“. Митриќески, кој филмска режија завршил на Високата државна школа за филм и за телевизија во Лоѓ, Полска, и лично се познава со Михиќ, па затоа и ја имал слободата да му се јави доцна навечер, на полноќ, и да му побара сценарио за неговиот филм.

– Со него разговарав уште додека бев на студии, во Полска и одамна разговаравме за тоа тој да напише сценарио за филм, кој јас ќе го режирам. И ми го прати сценариото, кое многу ми се допадна. Сценариото е адаптирано за Македонија. Филмот е една топла љубовна приказна, со здрав хумор, верба и надеж во опстанокот на едно семејство. Семејството е многу важно за опстанокот на човештвото. Крвните врски и односите што владеат во семејството се разбирливи за цел свет и секогаш е добро кога со обработува оваа тема. Тогаш може да се видат сите проблеми што постојат во едно општество – егзистенцијалните, љубовните врски, социјалните односи. На еден начин ме интересираа сите премрежиња низ кои поминува едно семејство во денешно време. Јас го опфатив период од транзицијата, па до денес – ја објаснува Митриќески приказната на „Деца на сонцето“.

Тој вели дека со овој филм светот нема да го направи ниту подобар, ниту поопасен за живеење, туку позабавен.

– И насловот на филмот „Деца на сонцето“ кажува дека ние се трудиме да бидеме среќни, односно сакаме да бидеме среќни. Тоа е пораката на филмот – да даваме љубов и позитивна енергија, без да бараме да ни се врати, како што сонцето несебично ни дава живот. Со еден збор, да бидеме деца на сонцето. Да научиме да простуваме. На крајот на филмот таткото ѝ проштава на својата ќерка и така завршува и филмот – вели Митриќески.

Сите локации на снимањето на филмот беа покрај Преспанско Езеро и во нив совршено се вклопија и младите актери Ѓоревски и Павлаковиќ, како и тимот од искусни и одлични актери.

– Освен Преспа, и Охрид често го користам во моите филмови. Сакам да се присутни четирите елементи – водата, воздухот, земјата и огнот. Водата и нејзиниот одблесок го има и во „Преку езерото“. Филмот е визуелна уметност, а мене ме интересира драмата, сликата, конфликтот, портретот на актерот, очите на актерот. Филмот е скапа работа, треба да се внимава и да се работи со голема почит бидејќи тој е амбасадор на една земја. Ако е лош, тој може да направи антиреклама. Филмот има оригиналност и автентичност во својот визуелен израз. Освен младите актери, тука се и постарите и поискусните, кои совршено се надополнуваат и го создаваат семејството. Јас сум задоволен од целата актерска екипа, како и од екипата што работеше на овој филм. Младиот продуцент Дејан Милошевски вложи огромен напор во овој филм, кому „Деца на сонцето“ му е прв игран филм. Со него прво работевме документарни филмови. Верувам дека тој ќе сними уште многу играни филмови.

„Деца на сонцето“ првата проекција ја имаше на маркетот во Кан и филмот беше откупен од американски продуцент со кого беше потпишан договор и тој ги зема обврските околу прикажување на филмот на фестивали.

– За разлика од моите претходни филмови, овој филм е малку покомерцијален. Според мене, тој е „полесен“ и погледлив и е наменет за поширока публика. Кога филмот беше примен во официјалната програма на фестивалот во Лондон, бев многу среќен бидејќи тој е еден од најзначајните фестивали во светот. Филмови како „Евтини приказни“ се прикажувале на тој фестивал. Лондонскиот фестивал е поврзан со многу значајни фестивали во светот. Филмот е примен на многу значајни фестивали во светот, што е голем успех за филмот и за Македонија, но, за жал, во овој момент уште не може да соопштиме каде сѐ ќе биде прикажан. Се работи за врвни светски фестивали – вели Митриќески.

Тој веќе работи на нов проект. Со продуцентот Милошевски подготвуваат нов игран филм, „Цар Самуил“. Сценарист е Венко Андоновски.

– Андоновски е исклучително талентиран драматург и писател. Текстот е прекрасен. Веќе имаме потпишано преддоговори со Србија и со Канада. Тоа ќе биде прва македонско-канадска копродукција. Во сите мои играни филмови досега сум имал копродукција. „Цар Самуил“ е голем проект, бара големи подготовки, терени, локации, плејада на актери. Мислам дека најголемиот дел од актерската екипа ќе биде од Македонија. Откако ќе завршат проекциите на фестивалите со „Деца на сонцето“, тогаш ќе почнеме да работиме на проектот „Цар Самуил“ со полна пареа. Снимањето на филмот ќе почне напролет – заврши Митриќески.

children-of-the-sun-new

 

Деца на сонцето

Што би правеле ако ноќта потрае

Ако не дај боже сонцето не изгрее

Ако утрото заборави да раздени

Ако мрак завладее на сите страни

Ако мрак завладее на сите страни

 

Една сила е што не крева угоре

Треба и детелинка, сакаат и детелина

Нема ниту сенки кај што нема светлина

И мразот не пропушта без топлина

И мразот не пропушта без топлина

 

Ние сме деца на сонцето

И сите сме фатени на орото

Некој игра, а некој само се сопиња

Помеѓу волци и кротки јагниња

 

Ние сме деца на сонцето

И сите сме фатени на орото

Ако си преблиску не слушаш зурли тапани

Ако си преблиску може искра да те запали

 

Седи тука до мене образ да обелиме

На далеку да гледаме коски да загрееме

Кажи смешка некоја за да се насмееме

Дај некоја стара песна да запееме

Дај некоја стара песна да запееме

 

Гледај ги овие слики шарени

Додека на југ птици не одлетале

Додека облаци и дожд не засметале

Додека со ѓаволот не сме се пресметале

Додека со ѓаволот на сме се пресметале

 

Ние сме деца на сонцето

И сите сме фатени на орото

Некој игра, а некој само се сопиња

 

Помеѓу волци и кротки јагниња

Ние сме деца на сонцето

И сите сме фатени на орото

Ако си предалеку не слушаш зурли тапани

Ако си преблиску може искра да те запали

(Влатко Стефановски, „Деца на сонцето“, 2013 година)

Tags: