Сите сме деца на сонцето – Интервју на Антонио Митрикески со Весна Дамчевска

Posted by on Dec 5, 2018 in Interviews

Continue

Основната филозофска размисла која се провлекува низ филмот, дека сите сме деца на сонцето, е неговата основна порака. „Деца на сонцето“ го наметнува човековиот избор да ја бираме љубовта наспроти смртта, добрината наспроти омразата, надежта наспроти очајот. Оттука прашањата за суштествувањето се универзални, тие не познаваат географски одредници, општествени констелации и историски аспекти, тие се безвременски, сеприсутни и секогаш актуелни, вели Митриќески

Филмот „Деца на сонцето“ ја имаше светската премиера во Лондон, а домашната на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Колку сте задоволен од досегашниот пат на филмот?
– Приказната е искрена и топла. Задоволен сум дека филмот допре до публиката. Многу бев среќен што влезе во селекција за награда во Лондон на фестивалот „Радианс“. Беше прикажан на гала проекција во официална селекција меѓу седум филмови за награда меѓу вкупно 300 пријавени. Тоа е фестивал на авангардни филмови. Интерес за филмот имаше уште на филмскиот маркет во Кан, кога беше потпишан договор со продукциската куќа „Принц филмс“ од Америка. Филмот го почна и својот фестивалски пат. Во Македонија се прикажува по кината низ земјава. На пример, проекцијата на „Деца на сонцето“ во Штип помина одлично. Како што вели организаторот, ги урива сите рекорди на гледаност во последните години во во цела источна Македонија. Филмот се прикажува и на фестивали во САД, Канада, Азија, на маркетот на Солунскиот филмски фестивал и др.
Филмот е нискобуџетен, имав среќа што сите учесници во филмот, почнувајки од глумците, па до техничките соработници, работеа несебично, дадоа се` од себе, со малку пари, некои од нив дури и без надомест. Сакам да кажам, иако е нискобуџетен, „Деца на сонцето“ успешно се носи со високобуџетни оставрувања.
Филмот неодамна се закити и со златен медал за најдобар игран филм на осмиот Македонскиот филмски фестивал во Торонто. Но поголема награда за нас таму беше реакцијата на публиката, полната сала, громогласниот аплауз, насмеаните лица, позитивните критики…
„Деца на сонцето“ е приказна за семејството и лојалноста, љубовта и загубата, предавството и искупувањето. Насловната песна ја напиша Влатко Стефановски… Како оваа балада се вклопува во приказната?
– Песната „Деца на сонцето“ на Влатко Стефановски е всушност приказната на филмот. Таа го отсликува животот. Има универзален карактер. А тоа го кажуваат стиховите: Ние сме деца на сонцето/и сите сме фатени на оро/некој игра а некој само се сопиња/помеѓуволци и кротки јагниња… Песната на Влатко Стефановски содржи порака која не треба да се занемари. А тоа е дека и покрај сите проблеми што ги носи животот и покрај разликите на луѓето во семејството, пораката е дека радоста извира од внатрешноста на човекот како сонцето што несебично дава и не грее така и ние треба да даваме од сопственото согоревање, да даваме и покрај сите проблеми што ги имаме да бидеме деца на сонцето…

Филмот е приказната за едно големо семејство фатено во костец со локалната мафија и силната љубов помеѓу главните протагонисти Марко и Ангела…Кои прашања ги отвора таа?
– Го отвора прашањето за вечната дијалектичка поставеност на дијаметрално спротивните етички категории, доброто и лошото, љубовта и загубата, предавството и искупувањето. Филмот ја поставува драмата, го нотира проблемот, ги отвора опциите, можните решенија и го бира најпозитивното, најдоброто.
Оттука основната филозофска размисла која се провлекува низ филмот, дека сите сме деца на сонцето е неговата основна порака. „Деца на сонцето“ го наметнува човековиот избор да ја бираме љубовта наспроти смртта, добрината наспроти омразата, надежта наспроти очајот. Оттука прашањата за суштествувањето се универзални, тие не познаваат географски одредници, општествени констелации и историски аспекти, тие се безвременски, сеприсутни и секогаш актуелни.

Во филмот гавните улоги ги толкуваат младите Кире Ѓоревски и Ивана Павлаковиќ, потпомогнати од „постарата гарда“? Мето Јовановски, Милица Стојанова, Владо Јовановски и други. Колку сте задоволен од работата со актерите?
– Уште на почетокот се виде дека екипата е усогласена, дека имаат разбирање меѓу себе… Кога има позитивна енергија има и љубов што зрачи и камерата тоа неизбежно ќе го фати. Сакав да вдахнам среќа, надеж, но не преку дијалог, туку преку самата емоција, преку самата психологија на актерите. Секогаш им давам шанса на младите актери. Направив кастинг на кој увидов дека Ивана Павлаковиќ е мошне надежна глумица, како во себе да носи некоја тајна, скриена емоција, а од друга страна е „тврда“ и го остварува она што сака. Таа е девојка што вистински му помага на својот љубен и го носи од црниот свет на криминалот во едно мошне позитивно семејство.

Како одеше создавањето на приказната?
– Сценариото на Гордан Михиќ мораше да се адаптира за овие простори. Многу разговарав со актерите, им го дадов да го прочитаат и размислував за сите нивни сугестии. Претходно не сум го правел тоа, но за да дојдам до автентичност на карактерите допишував дијалог, вадев, но и додавав сцени. Колку што можам повеќе сакам да избегам од театарот и од телевизијата. Имаме телевизија колку што сакаме, но нам ни треба автентичен филмски јазик во кој ќе зборува сликата. Точно е дека сценариото претрпе многу промени, особено кога ја видов локацијата и не се држев тврдо за она што ми го даде Михиќ. Во оваа пригода сакам и да истакнам дека жанровски „Деца на Сонцето“ е драма, не комедија, иако има доста духовити моменти.

Зошто за главна локација ја избравте токму Преспа?
– Во сценариото се бараше вода во која се истражува потонат брод, а Преспа има и езеро и богата историја. Тука поминале многу војски, пронајдени се и антички предмети. На островот Голем Град и Самуил имал замок, а и Турците биле овде. Да знае да зборува езерово ќе има многу да каже и поради таа историја и недопрената природа решивме да снимаме таму. Покрај љубовната приказна и приказната за семејството, овој филм говори и за контактот меѓу човекот и природата.

Во вашата филмографија се запишани двата претходни играни филма, „Преку езерото“, 1997 г., и „Како лош сон“, 2003 г., како и неколку документарци: „Љубовта на Кочо Топенчаров“, „Ден“, „Време“…
– Сакам да снимам и документани и играни филмови подеднакво. Филмската режија е таква професија што почнеш да се занимаваш со неа, непрекинато ќе живееш со неа. Како сенка оди по тебе. Секој режисер сака, приказната од филмот да ја прикаже со голема вистинитост. И секој сака да допре до публиката и до критиката, да оди по фестивали, да зема награди… Но филмот е скапа и тимска работа. Треба да се обезбедат срества, да се формира целата екипа, да се усогласат сите да функционираат како едно: актери, костими, сценографија, музика, камера, тон, маска… Идејата, сценариото долго се носи во себе, а потоа авторот му дава свој белег на текстот. На пример, мојот филм „Преку езерото“ е правен по книгата „Жолтиот трендафил“ на Ташко Георгиевски, но јас морав со својата визија да допрам до вистината на драмата и приказната да ја прикажам едноставно, сликовито, така што ќе предизвикува емоција.
Филмот „Како лош сон“, пак, е работен по драмата на Дејан Дуковски „ММЕ кој прв почна“. Мојата идеја беше да ја прикажам војната во поранешна Југославија без борби, без пукања, да го покажам единстевно разорувањето на личностите. Најважни од се` за човекот се малите и едноставни работи на кои често забораваме. Во таа смисла и главниот јунак, на крајот на филмот ќе каже: „Ме боли колку те нема… сакам да се разбудам покрај тебе… да се напијам кафе…“.

Би споменал уште еден пример. Во мојот документарен филм „Љубовта на Кочо Топенчаров“ сакав да ја покажам глупоста на границата, истрајноста и љубовта. Поради љубов да се биде цел живот во затвор. И во име на таа љубов да се истрае, да се дојде до крајот. Главата јунакиња Марика ќе рече: „Го чував како мало дете, да го вратам во Охрид, во неговото родно место“.

children-of-the-sun-all
„Деца на сонцето“ е копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Словенија и Србија. Речиси сите филмови што се снимаат кај нас во последно време се копродукциски. Дали тоа е еден од начините филмот да се пробие и на странските пазари и македонската продукција да стане видлива за светот?
– Копродукциите овозможуваат не само поголем прилив на пари, туку и размена на искуства, техничка поддршка и повеќе можности за диструбуција на филмот. Преку таквите контакти се доближуваме до другите кинематографии во светот. Сепак сакам да потенцирам дека денес, за жал, тие фондови станаа многу бирократски и европската кинематографија која има многу високи уметнички дострели и долга традиција, за жал, назадува. Како европскиот филм да стана клише, бирократско, предизвикано од заморните административни барања од страна на фондовите.

Колку македонската публика, особено помладата, го сака филмот?
– Ние сме мала земја, но со голема културна традиција. Во Македонија постои колективен ген за дарба на сите полиња во уметноста: поезија, литература, сликарство, музика… Нашиот голем поет Анте Поповски напиша: „Ние сме мала земја, таа нам ни е и лулка и гробишта. Македонија на светот му е потребна со посебноста на нејзината национална и културна традиција. Ретки се народите кои толку настрадале и кои сите страдања ги надживеале на достоинствен начин“. Тој ген го носиме со поколенија, го има во сите генерации.

Tags: