Важно е Македонија да го негува документарецот – Интервју на БиБиСи

Posted by on Dec 5, 2018 in Interviews

Continue

На фестивалот на македонскиот филм кој деновиве се одржува во Лондон, беа прикажани два филма на режисерот Антонио Митриќески.
Краткиот документарен филм „Љубовта на Кочо Топенчаров” од 1991 беше проследен со играниот филм, „Преку езерото” од 1997 година.
Двата се темелат на вистинската приказна на Кочо Топенчаров и неговите премрежја во Албанија каде заминува во потрага по својата животна љубов.

БиБиСи го праша режисерот Митриќески, кој беше гостин на проекциите, како сега гледа на својот дебитантски игран филм?

„Секогаш кога работам филм, без разлика дали е документарен или игран, се трудам да почнам од факт, вистинска случка, приказна. Мислам дека ’Преку езерото’, баш затоа што е вистинска приказна, предизвикува заинтересираност. Сега…што мислам: после толку време… жанровски тоа е чиста елегија. Ми се бендисува на некој начин, тоа го потенцира и музиката на Георге Замфир која со таа панова шупелка прави еден внатрешен монолог на главниот лик. Мислам дека секако по толку време, наоѓам нормално, работи кои би ги направил на друг начин, но во суштина сум задоволен што одвоив енергија, што го снимав тој филм на локации и во Албанија и Македонија, сакав да потенцирам, тие се скоро автентични, во Албанија, каде навистина се случила приказната.“

 

БиБиСи: Филмот е правен според документарниот филм „Љубовта на Кочо Топенчаров”, кој доби некои награди своевремено. Зошто се нафати да го преточиш во игран филм, само заради темата, нешто друго, колку е лесно да се направи тоа?

„Точно е дека навистина ми е драг филот ’Љубовта на Кочо Топенчаров’, но го снимив само во Македонија, со фото-апарат го снимив доаѓањето на семејството Топенчарови од Албанија а потоа останатиот дел го снимав во Македонија. Предизвикот беше во играниот филм да се влезе и на таа страна, да се снима и во Албанија. Мислам дека тоа беше главната причина за да се нафатам да работам игран филм. А да бидам отворен, по успхеот на „Љубовта на Кочо Топенчарoв” беше полесно за финансии, учествуваа и Пољаците со една голема копродукција, тоа исто беше причината.“

 

БиБиСи: Каква е состојбата со снимањето филмови во Македонија. Дали финансиите секогаш се единствениот проблем?

„Сега е формиран веќе Филмскиот фонд, тој одлучува кои филмови ќе се снимаат. Има систем на филтрирање на проектите, почнувајќи од идеја, сценарио па се’ понатака до буџет, продукција, копродукција итн.“
БиБиСи: Доволно е?

„И предоволно, но во суштина авторите се среќаваат со проблемот на тие копродукции, не е лесно да се најдат продуценти. Постојат фондови во сите земји за копродукции, но тоа е еден макотрпен пат, бара доста бирократија, да се пополнуват документи. Така што мислам дека не е лесно да се направи добар филм, но мислам дека со упорна работа, изржливост, добра тема и добро сценарио, може да се направи навистина добар филм.“
БиБиСи: Има ли доволно добри идеи во Македонија?

„Апсолутно, мислам дека кај нас се случуваат работи што се актуелни, и за Европа и светот. Од друга страна секоја идеја, секоја тема може да е податна за филм ако е добро анализирана, опсервирана, ако се направи добар ‘кастинг’, се направи добра приказна. Не мора да е којзнае каква идеја, може од обични луѓе, анонимен човек, да се направи прекрасен филм. Затоа сакав да потенцирам, затоа е многу важно да се негува документарниот филм, затоа што тој го дава тој начин на опсервации, што е важен и во играниот филм.

Tags: